Десетици илјади жители на Сиднеј ги напуштија своите домови откако обилните дождови повторно го зафатија најголемиот град во Австралија и поплавија неколку големи предградија. Според последните информации, 20 лица загинаа во поплавите во источниот дел на земјата.
Источните реки на Австралија веќе беа блиску до максимумот, по рекордните врнежи во делови на Квинсленд и Нов Јужен Велс во последните недели, кои ги блокираа градовите и ги однесоа фармите, добитокот и патиштата, пренесува Ројтерс.
67-годишна жена и нејзиниот 34-годишен син биле пронајдени мртви во близина на напуштен автомобил во одводен канал во Западен Сиднеј, соопштија властите. Полицијата во Квинсленд ја потврди смртта на маж кој исчезна во поплавите на 27 февруари, со што бројот на загинати се зголеми на 20 од почетокот на поплавите.
Повеќето луѓе биле пронајдени мртви или во поплавени куќи или во автомобили со кои се обидувале да поминат по поплавените патишта.
Обилни дождови го зафатија Сиднеј, а во некои предградија од понеделникот утрото паднаа на 200 мм, што ги надмина просечните врнежи од околу 140 мм во март и предизвика итна евакуација на југозападниот и североисточниот дел на градот.
Телевизиските снимки покажуваат поплавени патишта и потонати автомобили на северните плажи во Сиднеј, а на жителите од пониските области им било кажано да се евакуираат, јавува Ројтерс.
Според метеоролошките извештаи, ширум Сиднеј во следните 24 часа се предвидуваат дожд до 120 мм, а до крајот на утрешниот ден се очекува да престане невремето.
Поради предупредувањето за поплави, властите издадоа препорака за 5 милиони жители на Сиднеј да избегнуваат непотребни патувања и најавија голем број одложувања и откажувања на јавниот превоз.