Денеска е 190 ден од војната во Украина.
Русија: Украинците го гранатираа Енергодар
Украинските сили од рано наутро го гранатираат Енергодар, град недалеку од нуклеарната централа Запорожје, а во гранатирањето животот го загубија тројца цивили, а едно лице е рането, соопштија градските власти. Пожар избувна во две градинки.
Една експлозија се случила практично на 100 метри од градинката.
Нуклеарната централа Запорожје се наоѓа на левиот брег на реките Днепар. Тоа е најголемата нуклеарна централа во Европа. Од март е под контрола на руските сили.
Украинските сили постојано го гаѓаат подрачјето на електраната и Енергодар, а нападите особено се засилени со доаѓањето на експертската мисија на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија.
Киев: Еден реактор во Запорожје затворен поради гранатирање
Еден од двата оперативни реактори во нуклеарната централа Запорожје во Украина, која е под руска контрола, е исклучен поради руско гранатирање, соопшти денеска операторот Енергоатом.
– Како резултат на уште едно минофрлачко гранатирање од страна на руските сили на местото на нуклеарната централа Запорожје, активирана е итна заштита, а оперативната петта енергетска единица е исклучена – напишал украински оператор на Телеграм, пренесува Ројтерс.
Енергоатом додаде дека шестиот реактор, единствениот моментално во функција, „продолжува да работи во енергетскиот систем на Украина“ и овозможува централата да се снабдува со електрична енергија за сопствени потреби, наведува британската агенција.
Русија тврди: украинската армија се обиде да ја заземе нуклеарната централа Запорожје
Руското Министерство за одбрана утринава издаде соопштение во кое се наведува дека украинската армија се обидела да ја заземе нуклеарната централа Запорожје.
„Денеска, околу 06:00 часот по московско време, украинските војници во две диверзантски групи од 60 луѓе во седум чамци се истоварија на брегот на акумулацијата Каховка, три километри североисточно од нуклеарната централа Запорожје, и се обидоа да ја заземат електраната“, соопшти Министерството, а пренесе РИА Новости.
Понатаму се наведува дека руската армија „презела мерки за уништување на непријателот“.