Специјалната операција на руската армија во Украина денеска влезе во 234-от ден.
Сирени за воздушен напад низ цела Украина
Над цела Украина се слушаат сирени за воздушен напад, пишува Украинска правда.
Околу 7:00 часот беа активирани предупредувања за воздушен напад во сите области на Украина, со исклучок на Крим.
Кулеба: Руските сили го гранатираа регионот на Киев
Руските сили утринава гранатираа населба во регионот на Киев, изјави шефот на регионалната воена администрација Олексеј Кулеба.
Тој изјави дека спасувачите се на терен и дека според првичните информации нема повредени, пренесува Униан.
Кулеба додаде дека предупредувањето за воздушен напад сè уште е во сила и ги повика граѓаните да не ги напуштаат засолништата.
Експлозии одекнуваат од руската страна на границата, дел од Белгород без струја
Руските власти соопштија дека во текот на ноќта биле регистрирани неколку експлозии во областа Белгород. Еден од нив удрил и во трафостаницата, оставајќи големи делови од градот без струја. Соопшти гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, пренесува Спутник.
Нов ракетен напад врз Запорожје
Русија во текот на ноќта изврши уште еден ракетен напад врз Запорожје, објави гувернерот на регионот Олександр Старук. Во исто време, секретарот на градскиот совет на Запорожје, Анатолиј Куртев изјави дека се погодени инфраструктурни објекти, пренесува Униан.
Две лица се повредени во руското гранатирање на Никопол
Во ноќното гранатирање на Никопол од страна на руските сили две лица се повредени, соопшти шефот на украинската регионална воена управа за областа Днепропетровск, Валентин Резниченко.