Војната во Украина влезе во 321 ден.
Украина: Го одбивме нападот кај Соледар, Русите газат по телата на своите војници
„Непријателот буквално гази по труповите на сопствените војници користејќи масивна артилерија, системи MLRS и минофрлачи“, објави на Телеграм Хана Маљар, заменик-министер за одбрана на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќање во понеделникот вечерта рече дека Бахмут и Соледар се држат и покрај тешкото уништување. Зеленски ги нагласи новите и пожестоки напади во Соледар, каде, како што рече, нема ѕидови, а земјата е покриена со руски трупови.
„Исклучително е тешко – речиси и да нема цели ѕидови… Поради издржливоста на нашите воини таму, во Соледар, добивме дополнително време и дополнителна моќ за Украина“, рече Зеленски.
Русија и Вагнер веројатно го контролираат поголемиот дел од Соледар
Русија и Вагнер „веројатно го контролираат најголемиот дел“ од градот Соледар, соопшти Министерството за одбрана на Обединетото Кралство во своето секојдневно ажурирање.
Русија и Вагнер постигнаа тактички напредок во изминатите четири дена, соопшти Министерството, во, како што го опиша, „многу веројатен обид да се опфати Бахмут од север и да се нарушат линиите на комуникација“. Се додава дека, сепак, Русија веројатно нема да го освои градот во скоро време, бидејќи украинските сили одржуваат стабилни одбранбени линии во длабочина и ги контролираат рутите за снабдување.
Пушилин: Блиску сме до преземање на контролата над Соледар
Блиску сме руските војници да ја преземат контролата над Соледар, тврди Денис Пушилин, вршител на должноста шеф на самопрогласената Доњецка народна република, чија анексија беше објавена од Русија. Според Пушилин, борбите се водат во западниот дел на градот.
Фрегатата „Адмирал Горшков“ изведе вежба во Норвешкото море
Руски воен брод вооружен со хиперсонично крстосувачко оружје изврши вежба во Норвешкото море, соопшти денеска Министерството за одбрана.
Лапин е новиот началник на Генералштабот на руските копнени сили
Генерал-полковник Александар Лапин е назначен за началник на Главниот штаб на руските копнени сили, пренесува ТАСС повикувајќи се на извори блиски до руското Министерство за одбрана.
Во 2017 година Лапин беше назначен за командант на Централниот воен округ, а до крајот на октомври 2022 година беше задолжен за Оперативниот команден центар за конфликтот меѓу Русија и Украина.
„Генералот Лапин навистина е назначен за началник на Генералштабот на руската армија“, изјавил извор за ТАСС, а друг извор прецизирал дека назначувањето било извршено на крајот на минатата година.
Шојгу: Русија ќе продолжи да ја развива нуклеарната тријада
Русија ќе продолжи да развива стратешки нуклеарни сили, бидејќи тоа е главниот гарант на нејзиниот суверенитет и интегритет, изјави денеска рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.