Денеска е 36-ти ден од војната во Украина.
Руското Министерство за одбрана денеска објави локален прекин на огнот за да се овозможи евакуација на цивили од украинскиот пристанишен град Мариупол.
Хуманитарниот коридор од Мариупол до Запорожје, преку пристаништето Бердјанск, контролирано од Русија, ќе биде отворен од 10 часот по локално време, објави во средата Министерството.
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, предупреди дека Русија ги акумулира своите сили во источниот регион на Донбас како подготовка за голема офанзива.
Зборувајќи во едно од неговите доцна ноќни телевизиски обраќања од улиците на Киев, Зеленски додаде дека секое повлекување на руските војници од регионот околу Киев и Чернигов – како што соопшти Кремљ во вторникот – е последица на отпорот на Украина.