Денеска е 135. ден од војната во Украина.
Зеленски: Украина нема да се откаже од својата територија во замена за мир
Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека Украина нема да се откаже од својата територија во замена за мир со Русија. Зеленски за Си-Ен-Ен изјави дека Украина не сака да ѝ отстапи ниту една територија на Русија и посочи дека територијалните отстапки нема да бидат дел од дипломатските преговори за ставање крај на војната.
„Украинците не се подготвени да се откажат од својата земја, да прифатат дека овие територии и припаѓаат на Русија. Ова е наша земја“, рече Зеленски.
Најжестоките битки се водат за Славјанск
Во Украина продолжи офанзивата на руската армија врз регионот Доњецк, наредена е евакуација на цивили во повеќе градови. Најжестоките битки се за Славјанск. Експлозиите одекнаа и во Харков.
Самитот на Г20 започна: Војната во Украина и глобалната економија се во фокусот
Индонезија денеска ги повика членките на Г-20 да помогнат да се стави крај на војната во Украина, на самитот на министрите за надворешни работи на групата, каде во иста просторија беа некои од најжестоките критичари на руската инвазија и првиот дипломат на Москва.
На состанокот, на индонезискиот остров Бали, доминираше војната и нејзиното влијание врз глобалната економија, а највисоките претставници на западните земји и Јапонија истакнаа дека форумот нема да „работи како и обично“.
Лавров: Русија нема што да разговара со Западот
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров разговараше со новинарите по денешната средба со министрите за надворешни работи на Г20 и рече дека Русија е подготвена да преговара со Украина и Турција за житото, но не е јасно кога би можеле да се случат такви преговори.
„Ако Западот не сака преговара, туку победа на Украина над Русија на бојното поле, тогаш, веројатно, нема што да се разговара со Западот, бидејќи со таквите пристапи, всушност, не и дозволува на Украина да се помести во мировниот процес“, рече Лавров.
Киев: Харков не е гранатиран
Гувернерот на Харковската област Олех Синјехубов изјави дека синоќа, за прв пат по неколку недели, немало ноќно гранатирање на Харков.
„Но, не смееме да бидеме невнимателни. На крајот на краиштата, дури вчера вечерта непријателот масовно го гранатираше градскиот округ Немишаљан. Оштетени се куќи, гаражи, контејнери, помошни објекти. Во текот на денот во регионот Харков загинаа четири лица, а девет беа повредени. “, изјави Сињехубов.