Војната во Украина денеска влезе во својот 336-ти ден.

Зеленски предупредува: Се подготвува нов бран на агресија
Првиот човек на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека Русија планира нов бран на агресија, чии знаци се видливи во поширокиот регион Донбас.

„Русија се подготвува за нов бран на агресија со силите што може да ги мобилизира. Окупаторите веќе го зголемуваат притисокот врз Бахмут, Вуледар и други правци. Тие сакаат да го зголемат притисокот во поголема мера. Господарите на Русија сакаат да уфрлат повеќе свои луѓе и опрема во борбите“, рече тој.

Борбите околу источниот град Бахмут се интензивираа во последните недели, при што Русија тврди дека има голем број успеси во својата кампања таму.

Воздушна опасност на територијата на цела Украина
Воздушна опасност беше објавена во средата на целата територија на Украина, покажуваат податоците од онлајн мапата на Министерството за дигитална трансформација на Украина.

Сирените за аларм се огласија речиси истовремено во речиси сите региони на Украина.

Рогов: Спречена офанзива на украинската армија
Руската армија ја спречи офанзивата на Вооружените сили на Украина во областа Запорожје, изјави за РИА Новости, претседателот на движењето „Заедно со Русија“ и член на главниот совет на регионалната руска администрација Владимир Рогов.

– Благодарение на нашите превентивни дејствија, беа спречени плановите на непријателот да изврши широка офанзива на ослободениот дел на регионот Запорожје со цел да избие на брегот на Азовското Море – рече Рогов.

Според него, сега украинските војници се принудени да ги повлечат резервите, вклучително и од насоката Доњецк, за да ја задржат линијата на фронтот.

Германците испраќаат „леопарди“ во Украина
Германската влада денеска потврди дека ќе испрати 14 тенкови „Леопард“ во Украина, најави утринава канцеларот Шолц на владиниот состанок.

Германија ќе одобри и извоз на „леопарди“ во трети земји.

Кремљ изјави дека ако западните тенкови стигнат до Украина, таму ќе изгорат.

Рускиот амбасадор: Испораката на тенкови е провокација
Евентуалното испорака на борбени тенкови од Вашингтон во Украина ќе биде уште една очигледна провокација на Русија, изјави во средата рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов.

„Очигледно е дека Вашингтон намерно се обидува да ни нанесе стратешки пораз. Ако САД решат да испорачаат тенкови, тогаш оправдувањето на таков чекор со аргументи за „одбранбено оружје“ дефинитивно нема да успее. Ова би била уште една очигледна провокација против Руската Федерација“, рече Антонов.

Бајден денеска ќе објави дека САД испраќаат борбени тенкови во Украина
Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска ќе објави дека Вашингтон ќе и испорача борбени тенкови „Абрамс“ на Украина, пренесува Ал Џезира, повикувајќи се на неименуван американски функционер. Според изворот на таа телевизија, тенковите ќе бидат испорачани врз основа на договорот, односно нема да се испраќаат од арсеналот на Пентагон.

Според Политико, повикувајќи се на извори во американската администрација, САД би можеле да испратат најмалку 30 тенкови „М1 Абрамс“ во Украина како воена помош. Сè уште не е познато кога ќе бидат испорачани тенковите, а обично потребни се неколку месеци војниците да бидат обучени за ефективно да ги користат тенковите, рекоа официјални лица, според Си-Ен-Ен.

By Author