Денес е 40. ден од војната во Украина.
Зеленски им се обрати на гостите на Греми наградите
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, испрати видео порака на доделувањето на Греми наградите и побара поддршка во „раскажувањето на приказната за руската инвазија на Украина“. Во својата видео порака, Зеленски ја спореди инвазијата со смртоносна тишина која се заканува да ги „изгаси соништата и животот на украинскиот народ“, вклучително и децата, пренесува АП.
„Нашите музичари носат панцири наместо смокинг. Тие им пеат на ранетите во болниците, дури и на оние што не ги слушаат“, рече Зеленски, истакнувајќи дека музиката „ќе пробие“.
Русија мобилизира уште 60.000 војници
Генералштабот на вооружените сили на Украина тврди дека Русија тајно иницирала мобилизација на околу 60.000 војници. Како што се наведува, мобилизацијата е иницирана со цел да се пополнат единиците кои претрпеа загуби во Украина, пренесува Гардијан.
Руските трупи се повлекуваат од регионот Суми
Шефот на регионот Суми во Украина, Дмитри Живицки, тврди дека руските сили се повлекуваат од таа област. Живицки на Телеграм напиша дека многу руска опрема оди во Русија.
„Вооружените сили на Украина и територијалната одбрана ги протераа низ целиот регион Черниговски“, рече Живицки, додавајќи дека руските одреди се уште се одвоени во регионот Суми и дека украинските сили сега го расчистуваат теренот.