Војна во Украина – 564 ден.

Москва: Соборени беспилотни летала кај Крим, глисери уништени кај Змискиот остров
Руските сили рано утринава соборија осум украински беспилотни летала над Црното Море во близина на Крим и уништија три десантни чамци во крајбрежните води, соопшти Министерството за одбрана.

„Обидот на властите во Киев да користат беспилотни летала за напад на објекти на територијата на Руската Федерација е спречен. Дежурните единици за противракетна одбрана уништија осум беспилотни летала над водите на Црното Море, во близина на брегот на Република Крим“, соопшти Министерството, пренесува ТАСС.

Воени глисери од американско производство, кои превезуваа украински десантни сили на рускиот полуостров Крим, беа уништени североисточно од Змискиот остров, објави Министерството на Телеграм.

Руското Министерство за одбрана во саботата извести дека уште едно украинско беспилотно летало било соборено над Крим околу 19:30 часот.

Русите повторно го нападнаа главниот град на Украина
Руските сили извршија воздушен напад врз Киев рано утринава, а експлозии одекнуваа низ главниот град на Украина и регионот речиси два часа, додека делови од погодените беспилотни летала паднаа врз неколку централни области на градот, соопштија официјални лица.

Очевидци изјавија за Ројтерс дека слушнале најмалку пет експлозии низ Киев, а снимките од украинските медиуми покажуваат дека неколку автомобили се оштетени.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко соопшти дека едно лице е повредено во Подил, една од постарите населби во градот и дека избувнал пожар во близина на еден од градските паркови.

Делови од соборените беспилотни летала паднале на областите Дарњицки, Соломјански, Шевченковски, Свијатошински и Подилски, соопштија Кличко и градската воена управа.

Во населбата Шевченковски, остатоци од дронови предизвикаа пожар во стан, кој брзо бил локализиран.

Во моментов нема извештаи за повредени, објави на Телеграм Сергеј Попко, шеф на воената администрација во Киев.

Москва редовно врши ноќни напади на територијата на Украина, а во рускиот напад во средата загинаа 17 лица во градот Костијантиновка, јавува Ројтерс.

Американската војска го продолжува рокот за обука на Украинците
По големите украински загуби, американската војска ја прошири својата иницијатива за обука на украинскиот персонал за управување со тенковите М1А1 Абрамс.

Ова го соопшти командата на американската армија за Европа и Африка. Програмата, која првично беше планирана да биде завршена во средината на септември, сега се предвидува дека ќе доцни неколку недели.

By Author