Киев одлучи да го издаде истото предупредување како и Москва.
По најавата на Москва дека од денеска сите бродови што ќе минуваат преку Црното Море до украинските пристаништа ќе се сметаат за воена цел, Киев реши да возврати на заканите.
Како што е најавено, од 21 јули Киев ќе ги смета сите бродови во Црното Море, кои ќе се движат во правец на руските пристаништа, како бродови со воен товар.
„Министерството за одбрана на Украина предупредува дека од полноќ на 21 јули 2023 година, сите бродови што пловат во Црното Море во правец на пристаништата на Руската Федерација и украинските поморски пристаништа лоцирани на територијата на Украина привремено окупирана од Русија може да се сметаат за бродови што превезуваат воен товар“, се вели во соопштението.
Да потсетиме дека вчерашното соопштение на Москва ги загрижи Соединетите Американски Држави.
„Русија може да нападне цивилни бродови во Црното Море, а потоа да ја обвини Украина за тоа“, изјави претставник на Белата куќа неколку часа по соопштението на Москва.
„Руската војска би можела да го прошири таргетирањето на украинските постројки за жито и да вклучи напади врз цивилниот брод“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Адам Хоџ.