Заедничката воздушна команда на САД и Канада (НОРАД) собори неидентификуван објект во канадскиот воздушен простор, изјави вечерва канадскиот премиер Џастин Трудо.
„Наредив соборување на неидентификуван објект кој го нарушил канадскиот воздушен простор. НОРАД собори објект над провинцијата Јукон. Полетаа канадски и американски авиони, а американскиот Ф22 успешно ја погоди целта“, напиша Трудо на Твитер.
Како што јави канадскиот јавен сервис (CBC), Трудо додаде дека денеска разговарал со американскиот претседател Џозеф Бајден.
„Канадските сили сега ќе ги собираат и анализираат остатоците од соборениот објект“, рече Трудо.
НОРАД претходно во текот на денот потврди дека идентификувал објект во воздухот над северна Канада, но не даде дополнителни детали.
Минатата недела американските воздухопловни сили соборија кинески балон над нивна територија за кој Вашингтон тврдеше дека е извидувачки балон, додека Пекинг ги отфрли обвинувањата и посочи дека станува збор за метеоролошки балон.