Растенијата се одлична декорација во секој дом, особено кога се наредени на креативен и интересен начин. Еден таков пример се терариумите, мини-градините кои можат да внесат парче природа во секој простор и да го красат во текот на целата година.

Доколку немате тераса или градина, или простор за саксии, ова е начин да добиете мини-градина без многу труд и вложување, со малку волја и имагинација. Најпрво набавете соодветен стаклен сад, растенија, соодветна подлога, камења или чакал. Садот може да биде отворен или затворен, во зависност од растенијата што ги користите, а стаклото е најдобриот избор бидејќи ја пропушта светлината што им е потребна на растенијата за да растат.

Стаклениот сад е клучот
За кактуси и други сукуленти ќе се користи отворен стаклен сад, како аквариум, но и тегла, па дури и шише со поширок отвор. Големината на садот исто така ќе ја одреди големината на вашата минијатурна градина. Камчињата и чакалот се одлична основа за терариумот бидејќи обезбедуваат добра дренажа на подлогата. Затоа, на дното наредете слој од чакал дебел околу три до пет сантиметри, бидејќи чакалот не ја менува pH вредноста на подлогата. Подлогата мора да биде хранлива и пропустлива, па затоа најдобро би било да се користи градинарска почва измешана со малку песок, во слој од седум или повеќе сантиметри, во зависност од големината на растенијата и нивните корени. Ако сакате, можете да направите косина во терариумот, за да биде повидлив од едната страна и да добиете поинтересен поглед.

Изберете помали сукуленти
При изборот на растенијата, важно е да се имаат предвид условите во кои тие ќе растат, како и да растат во ограничена средина. Затоа изберете ги оние што се мали по раст и бавно растат. Различни видови кактуси, како и сукуленти како чувар куќа, алое вера, жеден, пепелник и други се одлични за терариуми. Можете исто така да засадите африкански темјанушки, бегонии, домашни растенија ….

Изберете го начинот на садење
Пред садењето исчистете го коренот на растението од подлогата и малку исечете ги предолгите корени за да можат да се сместат во саксија. Обидете се со различни распореди и дури потоа засадете ги растенијата за да бидете сигурни дека ќе го добиете најдобриот резултат. Можете да направите асиметричен состав или да засадите растенија во иста рамнина како што сакате. Празното место во терариумот најдобро би било да го наполните со мов, како за задржување на влагата, така и за украсување. Ако ви е полесно, за садење можете да користите долги пинцети или грипери.

Одржување на терариум
Најдоброто нешто кај овие минијатурни градини е тоа што не бараат многу одржување, само повремено наводнување и кроење на растенијата. Важно е да не претерувате со полевањето и да ги знаете растенијата што сте ги засадиле, за да знаете што им треба. Ако сте избрале растенија со слични барања, тоа ќе ви го олесни одржувањето. Затоа, не двоумете се, туку засадете го вашиот терариум уште денес и тој ќе стане најубавиот украс на вашиот дом!

By Author