Кина и Јапонија денеска разменија обвинувања за поморски инциденти со бродови на крајбрежната стража на двете земји во водите околу спорните острови во Источното Кинеско Море.
Кинеската крајбрежна стража соопшти дека претходниот ден јапонски рибарски брод и неколку патролни чамци влегле во водите околу архипелагот, кој во Кина се нарекува Диаоју и во Јапонија Сенкаку, пренесува Ројтерс.
Кинеската крајбрежна стража наведува дека се преземени мерки во согласност со законот и дека јапонските бродови добиле предупредување, додека јапонската крајбрежна стража соопшти дека два кинески патролни чамци, по предупредувањето, ги напуштиле, како што рече, „територијалните води на Јапонија околу спорни острови“.
Слични инциденти се случија во ноември и октомври оваа година, а поморските спорови во кои е вмешана Кина стануваат се почести, наведува Ројтерс.
Претставник на филипинската крајбрежна стража претходно денеска ја обвини Кина за новиот инцидент во Јужното Кинеско Море, велејќи дека кинеската крајбрежна стража употребила водени топови против филипинските бродови за снабдување и нанела „тешка штета на моторот“ на еден од нив.