Твитер се закани дека ќе ја тужи Мета поради нејзината нова апликација Threads, објави во четвртокот новинската агенција Семафор.
Во писмото до извршниот директор Марк Закерберг објавено од Семафор, адвокатот на Твитер рече дека компанијата „има сериозна загриженост дека Мета Платформи (Мета) се вклучила во систематско, намерно и незаконско присвојување на трговските тајни на Твитер и другата интелектуална сопственост“, пишува Гардијан.
„Твитер има намера строго да ги спроведе своите права на интелектуална сопственост и бара Мета да преземе итни чекори за да престане да користи какви било трговски тајни на Твитер или други високо доверливи информации“, напиша Алекс Спиро во писмото.
Претставниците на Твитер и Мета не одговорија веднаш на барањето на Гардијан за коментар.
Во средата, Мета ја лансираше новата апликација во 100 земји. Според компанијата, апликацијата собрала 30 милиони регистрирани помалку од 24 часа по нејзиното лансирање.