Оваа сабота врховниот лидер на Авганистан и лидерот на талибанците им наредиле на жените во таа земја јавно да носат бурка, која им го покрива секој дел од телото.
Овој декрет ја означува една од најстрогите контроли наметнати врз жените откако овие исламисти повторно дојдоа на власт во Авганистан.
„Треба да носат чадори (бурка од глава до пети), бидејќи тоа е традиционално и почитувано“, се вели во декретот издаден од Хибатула Ахунџала, кој го соопштија талибанските власти на церемонија во Кабул, пренесува Дојче веле.
Сенаменската сина бурка е идеална за покривање на лицето, се наведува во соопштението. Оваа бурка стана глобален симбол на претходниот талибански режим од 1996 до 2001 година. Во уредбата се наведува дека оваа мерка е воведена „за да се избегнат провокации при средба со мажи кои не се махрами, односно полнолетни блиски машки роднини“.
Во соопштението се наведува дека од оваа наредба се изземени постарите жени и девојчињата. Во уредбата се додава дека е подобро жените да останат дома доколку немаат работа надвор.
„Доколку жената не го покрие лицето надвор од куќата, нејзиниот татко или најблискиот машки роднина ќе завршат во затвор или ќе бидат одпуштени од државни вработувања“, се наведува во декретот.
Указот за бурка е последниот потег на талибанците за ограничување на правата на жените. Во март го сменија правилото според кое на девојчињата им се дозволува да посетуваат основни и средни училишта.