Стотици луѓе се евакуирани поради големиот пожар што денеска зафати делови од јужнокорејскиот крајбрежен град Гангнеунг на истокот на земјата. Засега нема информации за загинати и ранети.

Најмалку 44 куќи се уништени во пожарот, а повеќе од 300 луѓе се евакуирани, соопшти Министерството за одбрана и безбедност на Јужна Кореја.

На терен се повеќе од 300 противпожарни возила и 700 пожарникари кои се обидуваат да го изгаснат пожарот, се додава во соопштението на Министерството за одбрана и безбедност, пренесува АП.

На пожарникарите им пречат силните ветрови кои не дозволуваат пожарот да се изгасне од авион. Шумскиот пожар започнал на блиската планина и брзо се проширил кон градот. Пожарот досега изгоре повеќе од 170 хектари земја, јавува Ројтерс.

By Author