Стејт департментот на САД денес, во рамките на Транснационалната програма за организиран криминал (TOCRP), понуди награда до 10 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење и/или осудување на рускиот државјанин Михаил Павлович Матвеев за сајбер напади со користење на софтвер за уцена ransomware, на веб-страниците на американската влада и компании, пренесува Танјуг.
„Ги преземаме овие дејствија против Матвеев поради неговата улога во нападите со откупни софтвери насочени кон американските сили за спроведување на законот, бизнисите и критичната инфраструктура ширум светот“, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Во врска со оваа акција, Министерството за правда објави две обвиненија против Матвеев во округот Колумбија и округот Њу Џерси, а Министерството за финансии, исто така, воведе санкции за рускиот хакер, изјави портпаролот на одделот Метју Милер.
Како што наведе, Русија е безбедно засолниште за сајбер-криминалците, кои можат слободно „да вршат злонамерни сајбер операции против САД и нашите партнери и сојузници“.
Програмата за транснационален организиран криминал беше основана од Конгресот во 2013 година како алатка за помош на американската влада да ги идентификува и изведе пред лицето на правдата членовите на значајните транснационални криминални организации.