На барање на Вашингтон, во Њујорк се одржа седница на Советот за безбедност за кризата во Украина. Седницата ја одбележа контроверзноста меѓу американскиот и рускиот амбасадор во ОН, кои изнесоа веќе познати спротивставени ставови. Американците се огорчени поради масовното акумулирање на руски војници на границата со Украина, додека Русите ги негираат плановите за напад, тврдејќи дека немаат никаква врска со внатрешната криза во таа земја.
Тензиите меѓу Русија и Соединетите Држави поради трупањето на московските трупи во близина на Украина се прелеаа во Советот за безбедност на Обединетите нации, каде што дипломатите од двете земји жестоко ги изразија своите ставови.
И покрај повикот на Москва до членовите на Советот за безбедност да гласаат против „мегафонската дипломатија“, тоа тело најмногу се согласи со американскиот апел да се одржи јавна седница за кризата во Украина.
Кина беше единствената против, која ги повика нациите да го напуштат менталитетот на Студената војна, додека Индија, Габон и Кенија беа воздржани, но останатите 10 членки го поддржаа отворениот состанок.
Американците се огорчени поради масовното акумулирање на руски војници на границата со Украина, додека Русите ги негираат плановите за напад, тврдејќи дека немаат никаква врска со внатрешната криза во таа земја. Европската унија се држи до двонасочна патека – дипломатија и одвраќање на Русија од напад.
За време на жестоката дебата во Советот за безбедност на ОН, Русија го обвини Западот дека ги зголемува тензиите околу Украина, додека САД ја обвинија Русија дека акумулира војници и бара изговор за напад.
Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд рече дека растечката воена сила на Русија од повеќе од 100.000 војници долж границите на Украина е најголемата мобилизација во Европа во последните децении, додавајќи дека имало голем број сајбер напади и руска дезинформација.
„И тие се обидуваат, без никаква фактичка основа, да ги прикажат Украина и западните земји како агресори за да измислат изговор за напад“, рече таа.
Според неа, Вашингтон има докази дека Москва планира да распореди уште 30.000 војници во Белорусија во првите денови од февруари.
Од друга страна, рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, го обвини Вашингтон за поттикнување тензии, заострување на реториката и предизвикување ескалација и, како што наведе, доведување на нацистите на власт во Киев, пренесе Гласот на Америка.
“Да не го направеа тоа, тогаш денеска ќе живееја во духот на добрососедските односи и меѓусебната соработка. Сепак, јасно е дека на некои на Запад не им се допаѓа ова позитивно сценарио. Ова што се случува денеска е уште еден обид да се предизвика раздор меѓу Русија и Украина”, изјави рускиот амбасадор.
Тој рече дека Русија често распоредува војници на нејзина територија, а украинската криза е внатрешно прашање.
„Нашите западни колеги зборуваат за потребата од деескалација, но пред се тие самите
ги креваат тензиите и реториката и предизвикуваат ескалација“, рече Небензја.
Тој оценува дека заканите од воена опасност се провокативни, додавајќи дека „Вашингтон сака неговите зборови да станат реалност“.