Озонска дупка седум пати поголем од дупка на Антарктикот, е откриена над тропските региони и, според канадскиот истражувач Чинг-Бин Лу, постои од 1980-тите. Научниците ја објаснуваат рекордната загуба на озон со штетни гасови во атмосферата и студената зима на ниво на стратосферата, втората голема земјина атмосферска обвивка.

Професорот Чинг-Бин Лу од Универзитетот во Ватерло во Онтарио ја откри оваа озонска дупка која опстојува во сите годишни времиња во долната стратосфера над тропските предели (на 30 степени северна – 30 степени јужна географска ширина). Длабочината на оваа тропска озонска дупка е споредлива со длабочината на добро познатата озонска дупка што се појавува во пролетта над Антарктикот, додека нејзината површина е околу седум пати поголема.

Во средината на седумдесеттите, атмосферските истражувања покажаа дека озонската обвивка, која го апсорбира најголемиот дел од сончевото ултравиолетово зрачење, може да биде оштетена од индустриски хемикалии, пред се хлорофлуоројаглероди (CFC), се вели во статија на порталот Дискавери. Откривањето на озонската дупка на Антарктикот во 1985 година ја потврди штетата на озонската обвивка предизвикана од CFC. Иако забраните за такви хемикалии помогнаа да се забави осиромашувањето на озонската обвивка, новите докази сугерираат дека штетите опстојуваат.

На Антарктикот озонската дупка е годишен феномен кој се јавува во зима и пролет поради екстремно ниските температури во стратосферата, додека на Арктикот метеоролошките услови варираат многу повеќе од година до друга и температурите се секогаш повисоки.

– Тропските предели сочинуваат половина од површината на планетата и се дом на речиси половина од светската популација. Постоењето на тропска озонска дупка може да предизвика голема глобална нерамнотежа бидејќи оштетувањето на озонската обвивка може да доведе до зголемување на копненото УВ зрачење, што го зголемува ризикот од рак на кожата и катаракта, ги намалува земјоделските приноси и негативно влијае на чувствителните водни организми и екосистеми. – предупредува професорот Лу, истражувач на Катедрата за физика и астрономија, одделенијата за биологија и хемија, Универзитетот во Ватерло.

Откривањето на оваа озонска дупка, која опстојува цела година над тропските предели, беше изненадување за научната заедница, бидејќи врз основа на постоечките конвенционални фотохемиски модели, никој не ни претпоставуваше дека постои. Губењето на озонот води до стратосферско ладење, така што тропската озонска дупка во текот на целата година и сезонските поларни озонски дупки се еквивалентни на формирањето на три „температурни дупки“ во долната стратосфера на Земјата.

– Сегашното откритие бара дополнително внимателно истражување за оштетувањето на озонската обвивка, промените во УВ зрачењето, зголемениот ризик од рак и други негативни ефекти врз здравјето и екосистемите во тропските региони – предупредува професорот Лу.

Извор: Танјуг

By Author