На вонредни внатрепартиски избори и конгрес вчера над 44 000 членови на СДСМ со тајно гласање го избираа новиот председател на партијата. Димитар Ковачевски со 37.649 гласови од членството е избран за нов председател на СДСМ. Вчера се гласаше за еден од тројцата кандидати на 194 избирачки места низ општинските организации во државата. Другите двајца кандидати беа Јован Деспотовски кој освои 3.319 гласа и Фросина Ременски која доби 2.836 гласа. Неважечки ливчиња беа 602.
Ковачевски доаѓа на местото на Зоран Заев кој беше лидер на партијата од 2013 година.
Новоизбраниот председател на СДСМ синоќа порача дека нивна е одговорноста за се што ќе се случува во партијата, но и во државата. Нагласи дека секогаш кога СДСМ е силен и има јасна агенда, државата оди напред.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера го одржа 17 редовен партиски конгрес на кој го реизбра Мицковски за председател.Тој беше единствениот кандидат за лидерската позиција, а доби подршка од 489 делегати. Од присутните 493, а гласале 492 од делегатите. Имамо и три неважечки ливчиња. Мицковски својот прв председателски мандат во партијата го доби 2017 на 16 когрес кој беше одржан во Валандово и беше избран со подршка од 376 делегати.
На конгресот под мотото “Нова генерација за нова иднина”, ВМРО-ДПМНЕ најави нова доктрина и кадровски освежувања. Мицковски вчера најави нов концепт-опшествен концензус за заеднички патриотизам. Tој рече дека партијата влегува во втора епоха чиј приоритет ќе биде, ослободувањето од стегите, слободата на мислата и изборот. Народот сака опција на која ќе и верува, а ВМРО-ДПМНЕ, потенцира Мицковски е таа алтернатива.
Во обраќањето по реизборот Мицковски најави нови економски мерки, намалување на даноците, отворена војна против корупцијата, мерки во земјоделството, прогрес во културата.
“Да ја вратиме државата на граѓаните, да го создадеме македонскиот сон”истакна МИцковски