Овој земјотрес ја погоди не само Турција, туку и Сирија каде што ситуацијата е уште потешка поради санкциите, всушност, потребно да се делува преку меѓународните организации.
Дамаск тврди дека западните санкции ја спречуваат земјата да се обнови по 12-годишна војна
Министерот за надворешни работи на Сирија, Фајсал Мекдад, апелираше до европските земји да испратат поголема помош за таа земја по разорниот земјотрес, велејќи дека санкциите не се изговор.
„Не е потребно барање или администрација за помош од Европа, бидејќи хуманитарната помош не подлежи на санкции, така што тие не можат да бидат изговор“, рече тој.
„Сите болници во Сирија ги лекуваат жртвите од земјотресот“, изјави Мекдад за либанската телевизија Ал Мајадин.
Тој додаде дека Сирија преку своите амбасадори побарала меѓународна помош за справување со последиците од катастрофата.
„Многу земји испратија помош во Сирија и им благодариме на сите лидери кои контактираа со нас. Сепак, ситуацијата е многу тешка и без разлика на износот на испратената помош, на Сирија и треба повеќе“, нагласи тој.
Сириските власти долго време тврдат дека западните санкции ја спречуваат реконструкцијата на делови од земјата кои беа уништени за време на 12-годишниот конфликт, пренесува Ројтерс.
Од друга страна, американски и европски претставници велат дека санкциите имаат за цел да ја притиснат владата да прифати политички процес кој би можел да стави крај на конфликтот.
Според последните проценки, во Турција од силниот земјотрес досега загинале 5.434 лица. Во Сирија, се проценува дека околу 1.020 луѓе загинале во делови од земјата под контрола на бунтовниците, додека во остатокот од Сирија биле регистрирани 812 смртни случаи.