Спорадични пукотници одекнаа низ главниот град на Судан во петокот навечер, дури и кога завојуваните страни се согласија на прекин на огнот, додека едната страна рече дека е подготвена да се отвори аеродром за евакуација на странски државјани, објави Ројтерс.
Обединетите нации, Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Јапонија, Швајцарија, Јужна Кореја, Шведска, Шпанија и Кина соопштија дека се подготвуваат или веќе се обидуваат да го евакуираат својот персонал. Саудиска Арабија, исто така, најави дека работи на евакуација на своите граѓани и граѓани на „братски“ земји од Судан.
По еднонеделното насилство во кое, според Министерството за здравство на Судан загинати се повеќе од 600 луѓе, а повеке од 3500 се повредени.
Очевидец за Ројтерс изјави дека артилерискиот оган продолжил доцна навечер во петокот, иако бил со помал интензитет од претходниот ден.
Армијата и паравоените сили за брза реакција (РСФ) одделно соопштија дека се согласиле на тридневно примирје за да им се овозможи на луѓето да го прослават муслиманскиот празник Рамазан Бајрам.
Војската соопшти дека се надева дека бунтовниците ќе го почитуваат прекинот на огнот и ќе ги прекинат воените операции.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен апелираше до конфликтните страни да го почитуваат прекинот на огнот и рече дека суданското воено и цивилно раководство мора итно да почнат да зборуваат за одржлив мир за да се спречи дополнителна штета на земјата.
Водачот на РСФ Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, рече дека утрово разговарал со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Двајцата „ја истакнаа неопходноста од почитување на целосен прекин на огнот и обезбедување заштита на хуманитарните и медицинските работници, особено персоналот на ОН и регионалните и меѓународните организации“, рече Хемедти на Фејсбук.
РСФ соопшти дека е подготвена делумно да ги отвори сите судански аеродроми за странските влади да можат да ги евакуираат своите државјани.