Во анектираниот дел на Крим имало експлозии во кои биле уништени руски ракети, соопшти украинското Министерство за одбрана, иако не признале дека стојат зад нападот. Русите велат дека градот Џанкој бил нападнат со беспилотни летала.
Во експлозијата што се случи синоќа на Крим, уништени се руски ракети кои биле транспортирани со железница, соопшти украинското Министерство за одбрана. Едно лице е повредено синоќа во напад со дрон на градот Џанкој на Крим, изјави шефот на управата на Крим назначен од Русија, Сергеј Аксјонов.
Киев објави дека ракетите биле наменети за руската Црноморска флота.
„Експлозија во градот Џанкој во северниот дел на привремено окупираниот Крим ги уништи руските крстаречки ракети „Калибр-КН“ при транспорт по железница“, објавија тие.
Калибр се проектили дизајнирани да бидат лансирани од бродови на руската Црноморска флота и имаат оперативен дострел од повеќе од 2.500 километри на копно и 375 километри на море.
Доколку се потврди, тоа би бил редок напад на украинската армија врз Крим, кој е анектиран од 2014 година, јавува Би-Би-Си.
„Експлозиите го продолжуваат процесот на демилитаризација на Русија и го подготвуваат украинскиот полуостров Крим за деокупација“, се вели во соопштението на украинското Министерство за одбрана.
Ихор Ивин, шеф на градската управа назначен од Русија, рече дека 33-годишен маж бил пренесен во болница откако се здобил со повреди од шрапнел од соборен дрон. Според него, животот на повредениот не е во животна опасност.
Ивин не спомна дека биле оштетени воени цели, но како што навел на Телеграм, во нападот биле оштетени повеќе предмети. Тој додаде дека е активирана противвоздушната одбрана, пренесува РИА Новости.