Бунтовниците поддржани од Русија во источна Украина ги обвинија владините сили во Киев дека користат минофрлачи за да ја нападнат нивната територија, прекршувајќи ги договорите за ставање крај на конфликтот, пишува Ројтерс. Од друга страна, украинската страна ги негира обвинувањата.
Агенцијата се повикува на извештајот објавен од новинската агенција РИА, во кој се тврди дека претставниците на самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск ги обвинуваат украинските сили за употреба на минофрлачи, фрлачи на гранати и митралези во четвртокот, пренесува Гардијан.
„Истрелани се околу 160 гранати со калибар поголем од 12,7 мм“, пренесува агенцијата Доњецк.
Според претставникот на ЛНР, „вооружените формации на Украина грубо го прекршиле режимот на прекин на огнот, користејќи оружје што, во согласност со договорите од Минск, мора да биде повлечено“.
Според него, од 3.30 часот по средноевропско време, украинската армија истрелала минофрлачи од 120 и 82 мм, гранати и тешки митралези кон населбите Сокољники, Золото 5, Весјолењко, Ниже Лозово и Доњецк, кои се под контрола на Луганск пренесува Спутник.
Претставништвото на ЛНР додаде дека територијата на републиката не била гранатирана во средата. Подоцна шефот на Народната милиција на Народна Република Луганск, Јан Лешченко изјави дека ситуацијата на контактната линија во Донбас значително се влошила во последните 24 часа.
„Во изминатите 24 часа состојбата на контактната линија значително се влоши. Непријателот, по директна наредба на воено-политичкото раководство на Киев, се обидува да го ескалира конфликтот… Ги повикуваме меѓународните набљудувачи да ги забележат агресивните дејствија на киевските сили и да преземат итни мерки за да се спречи крвопролевање во Донбас“, рече Лешченко во соопштението објавено на каналот Народна милиција.
Претставникот на самопрогласената Доњецка народна република изјави дека единиците на Народната милиција на ДНР возвратиле на нападот на украинските сили кои ја гранатираа територијата на републиката.
„За да се заштити цивилното население, нашите бранители беа принудени да возвратат на оган за да го потиснат непријателскиот оган. Се прецизираат информациите за цивилни жртви и штети на цивилни инфраструктурни објекти“, објасни претставникот на Народната милиција.
Сепак, украинската влада ги негира наводите.
„И покрај фактот што нашите позиции беа мета на забрането оружје, вклучително и артилерија од 122 милиметри, украинските војници не отворија оган како одговор“, изјави портпаролот на операцијата на Украинските здружени сили за Ројтерс.
Украина тврди дека било пукано врз нејзините војници, но дека таа не возвратила. Портпаролот на украинската оперативна прес-служба за Ројтерс телефонски изјави: „И покрај фактот што нашите позиции беа цел на забрането оружје, вклучително и артилерија од 122 милиметри, украинските војници не отворија оган како одговор“, пишува Гардијан.