Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Грција треба да престане да ги вооружува островите кои, како што наведе, имаат статус на демилитаризирани територии и да се придржува до меѓународните договори.
Изјавата најверојатно ќе го охрабри обновувањето на долгогодишните тензии меѓу соседите во Егејското Море, наведува Ројтерс.
Ердоган минатата недела изјави дека Турција ги прекинува разговорите со Грција.
Двете членки на НАТО после пет годишен прекин ги продолжија разговорите минатата година за решавање на споровите во Медитеранот и други билатерални прашања, но тие преговори не постигнаа голем напредок.
-Ја предупредувам Грција да избегнува соништа, дела и изјави за кои ќе зажали. Вразумете се – рече Ердоган во говорот што гоодржа пред почетокот на турските воени вежби кои ги набљудуваше во близина на Измир на брегот на западна Турција.
Тој рече и дека Турција нема да се откаже од своите права во Егејското Море и нема да се откаже од користењето на правата утврдени со меѓународните договори кога станува збор за вооружување на спорните острови.
Турција и Грција долго дебатираа за прашања како што се поморските граници, воздушниот простор на двете земји, мигрантите и етнички поделениот Кипар.