Палестинските милитанти од Газа продолжија да истрелуваат ракети кон Израел рано утринава, откако израелската авијација во текот на ноќта бомбардира цели на Исламски џихад во Појасот Газа, а борбите влегоа во петтиот ден.
Египет се обиде да посредува за прекин на конфликтот, во кој досега се убиени 33 Палестинци и еден Израелец, објави Ројтерс.
Насилството е продолжение на обновените судири меѓу Израелците и Палестинците, во кои од јануари се убиени повеќе од 140 Палестинци и најмалку 19 Израелци и странски државјани.
Израелската армија објави дека пред зори ги гаѓала командните центри на Исламски џихад и позициите на ракетни фрлачи.
Британската новинска агенција наведува дека црно-белите воздушни снимки покажуваат експлозии и облаци од чад што се издигнуваат од бомбардираните локации.
Неколку часа подоцна, милитантите од Газа истрелаа ракети, активирајќи сирени за воздушни напади во израелските градови во близина на границата со Појасот Газа.
Нема извештаи за жртви, а шест команданти на Исламски џихад се убиени од вторникот, кога Израел започна воена операција против групата, велејќи дека ги планирала нападите.
Исламски џихад, по владејачката Хамас, најголемата вооружена група во Газа, оттогаш истрела речиси 1.000 ракети, од кои некои летаа длабоко на израелска територија. Во четвртокот една жена загина кога ракета го погоди нејзиниот стан во предградие на Тел Авив.
Најмалку четири жени и шест деца загинаа во густо населената Газа.
Израел соопшти дека четворица Палестинци биле убиени од погрешно испукани ракети од Газа, што Исламски џихад го негираше.