Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс денеска изјави дека не е точно дека е постигнат договор за размена на затвореници меѓу САД и Иран.
“Тоа не е точно. Како што рековме, ние секогаш го поставуваме прашањето за Американците приведени или исчезнати во Иран”, рече Прајс, а пренесе „Reuters“.
Шефот на кабинетот на американскиот претседател, исто така го демантираше извештајот, објавен на иранската државна телевизија.
“За жал, тој извештај не е точен. Нема договор за ослободување на тие четворица Американци”, изјави Клајн за „CBS“.
Претходно, иранската државна телевизија емитуваше извештај на либанскиот проирански телевизиски канал Ал Мајадин дека ќе има размена на затвореници меѓу САД и Иран и дека Иран бара ослободување на „замрзнатите“ седум милијарди долари.
Државната телевизија цитираше и анонимен ирански службеник кој рече дека е предвиден договор според кој Велика Британија ќе треба да плати 400 милиони фунти (550 милиони долари) за ослободување на Британка со иранско потекло.
Министерството за надворешни работи на Велика Британија ја отфрли таа можност.