Рускиот претседател Владимир Путин со хумор се однесува кон најавите за датумот на рускиот напад на Украина, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Понекогаш дури и се шегува, прашувајќи дали точното време е објавено некаде во часови кога ќе започне војната“, изјави портпаролот на Кремљ, пренесува РИА Новости.

Според него, невозможно е да се третира со разбирање ваквото „всушност манично информациско лудило“.

Претходно бриселскиот весник „Политико“, повикувајќи се на упатени извори, напиша дека американскиот претседател Џозеф Бајден на видео-конференција со лидерите на западните земји, Европската унија и НАТО го одбележал 16 февруари како датум на почетокот на руската инвазија.

Потсетуваме дека во последните неколку месеци односите меѓу Русија и Западот станаа уште позатегнати. Вашингтон и Брисел ја обвинуваат Москва дека подготвува инвазија, тврдејќи дека испраќа војници на границата со Украина. Затоа НАТО го зајакна своето присуство во Источна Европа, каде што испрати дополнителни сили и воени контингенти.

Кремљ ги негира наводите за инвазијата и тврди дека тие се изговор за зголемување на военото присуство на НАТО во близина на границите на Русија.

By Author