Рускиот претседател Владимир Путин и наложи на владата да даде предлози за изградба на железница која ќе води до брегот на Баренцовото Море, на северозапад од земјата, додека Москва се обидува да го развие Арктикот.
Путин го постави Арктичкиот регион, на северот на Русија, на врвот на своите стратешки задачи и нареди големи инвестиции во воена инфраструктура и ископ на руда, пишува Хина, а пренесува Н1.
Рускиот претседател побара од премиерот Михаил Мишустин „да даде предлози за изградба на железничко поврзување со Баренцовото Море“, соопшти Кремљ. Краен рок за доставување предлози е 10 мај.
Железницата би завршила во базата Индиго во арктичкиот регион Ненец, каде Русија планира да изгради пристаниште што ќе биде отворено во текот на целата година.
Финска и Норвешка во 2018 година објавија дека заеднички планираат изградба на арктичка железница, која би се протегала од северот на Финска до брегот на Баренцовото Море.
Развојот на северната морска рута е тесно поврзан со рускиот пробив на Арктикот и затоа Москва инвестираше големи суми во флотата на мразокршачи и танкери.