Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на армијата на неговата земја и треба повеќе време да ја подготви очекуваната контраофанзива со цел да ги потисне руските окупаторски сили.

Во денешното интервју што го пренесе Би-Би-Си, Зеленски истакна дека би било „неприфатливо“ да се започне нападот сега бидејќи ќе бидат изгубени премногу животи.

„Со тоа што го имаме можеме успешно да одиме напред. Но, би изгубиле многу луѓе. Мислам дека тоа е неприфатливо. Затоа треба да почекаме. Ни треба уште малку време“, рече Зеленски.

Украинска контраофанзива се очекува со недели, јавува Асошиетед прес, истакнувајќи дека Украина добива напредно западно вооружување, вклучувајќи тенкови и други оклопни возила, како и обука на Западот за нејзините војници додека се подготвува за очекуваниот напад.

Силите на Кремљ се длабоко вкоренети во источните региони на Украина со слоевити одбранбени линии длабоки до 20 километри.

Контраофанзивата на Киев најверојатно ќе се соочи со мински полиња, противтенковски ровови и други пречки.

By Author