Поради нејзината одлука да им дозволи на корисниците во некои земји на нејзините платформи (Фејсбук и Инстаграм) да повикуваат на насилство врз Русите и руските војници

Истражниот комитет на Русија покрена кривична постапка против Мета поради нејзината одлука да им дозволи на корисниците во некои земји (Фејсбук и Инстаграм) да повикуваат на насилство врз Русите и руските војници.

„Во Главниот истражен оддел на Рускиот истражен комитет е покрената кривична постапка во врска со незаконски повици за убиства и насилство врз граѓани на Руската Федерација од страна на вработени во американската компанија Мета, која е сопственик на Фејсбук и Инстаграм“, се наведува на Телеграм каналот на Рускиот истражен комитет.

Забележано е дека претходно, прес-секретарот на компанијата Мета, Енди Стоун, на социјалната мрежа објавил „привремено укинување на забраната за поттикнување насилство врз руската армија“, нарекувајќи ја форма на политичко изразување.

„Овие дејствија содржат знаци на криминални дејствија од членовите 280, 205.1 од Кривичниот законик на Руската Федерација – (јавни повици за екстремистички активности; помош за терористички активности)“, се вели во пораката.

Се додава дека во рамки на кривичниот предмет се преземаат потребните истражни мерки за да се даде правна оценка за постапките на Енди Стоун и другите вработени во американската корпорација.

Генералното обвинителство на Руската Федерација бара од судот да ја признае Мета како екстремистичка организација и да ги забрани нејзините активности во Русија.

Роскомнадзор вели дека пристапот до Инстаграм во Русија ќе биде ограничен.
Да потсетиме, Фејсбук и Инстаграм ќе им овозможат на корисниците во некои земји да повикуваат на насилство врз Русите и руските војници само во контекст на рускиот напад врз Украина, објави синоќа Ројтерс по увидот на одредени внатрешни мејлови на платформата Мета, што е како што наведуваат привремена промена во политиката на говор на омраза.

By Author