Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ја изрази својата резервираност за кинескиот предлог за прекин на конфликтот во Украина и најави дека Пекинг нема голем кредибилитет како посредник.

„Кина нема многу кредибилитет бидејќи не ја осуди илегалната инвазија на Украина“, изјави Столтенберг пред новинарите во Талин, додавајќи дека Пекинг потпишал договор со рускиот претседател Владимир Путин само неколку дена пред почетокот на војната, пренесува Ројтерс.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објави дека Кина не понудила мировен план туку некои принципи.

Таа рече дека тие мора да се „гледаат во одреден контекст“, а тоа, како што рече, е „фактот што Кина веќе се усогласила“ со потпишување договор за неограничено пријателство со Русија, непосредно пред нападот на Украина.

„Така се разбира дека ќе ги разгледаме принципите, но ќе ги разгледаме во контекстот во кој Кина зазеде страна“, додаде претседателот на Европската комисија.

Денеска, на годишнината од почетокот на конфликтот во Украина, Кина објави документ од 12 точки во кој детално е опишан нејзиниот став за таа војна и повикува на прекин на непријателствата и мировни преговори.

Во документот се наведени следните 12 точки:
– почитување на суверенитетот на сите земји,
– напуштање на менталитетот на Студената војна,
– прекин на непријателствата,
– продолжување на мировните преговори,
– решавање на хуманитарната криза,
– заштита на цивилите и воените затвореници,
– зачувување на безбедноста нуклеарни централи,
– намалување на стратешките ризици,
– олеснување на извозот на жито,
– прекин на едностраните санкции,
– одржување на стабилни индустриски и синџири на снабдување,
– како и промовирање на постконфликтна реконструкција.

By Author