Денес се празнува Ѓурѓовден, празник во чест на Свети великомаченик Георгиј Победоносец, празникот на обновувањето на природата и на животот воопшто.
На 6 мај според новиот или 23 април според стариот календар Православната црква и верниците го слават празникот на Светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден.Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
Главни обичаи за време на Ѓурѓовден се:
– Плетење на венец од растенија
– Миење со водата во која се потопуваат растенија
– Бањање во река.
Ноќта, наспроти Ѓурѓовден, некој од домашните ќе скине зелени гранки во најблиската шума и со нив ги закитува вратите и прозорите на куќите и останатите простории, како што се влезните порти и капии. Ова се прави (според христијанското верување) поради тоа да годината и домот бидат “бериќетни“ – “да има здравје, плодови и род во домот, полето, во трлата и шталите“.
Исто така се плетат венчиња од “ѓурѓевско цвеќе“: ѓурѓевка, млечка и други, и со нив се закитуваат влезните врати на дворот и куќата. Тие венци стојат над вратата цела година, до следниот Ѓурѓовден.
Наспроти Ѓурѓовден, домаќинката во сад полн со вода става разни пролетни растенија: дрен, па потоа здравец и на крај грабеж , црвено јајце и пазикуќа, а потоа тоа се става под ружа во градината да преноќи.
Наутро сите се мијат со водата: (според христијанското верување) децата – “за да бидат здрави како дрен“, девојките – “момчињата да се грабат за нив“, старите – “да бидат здрави“, домаќинот – “куќата да му биде добро чувана“ итн. Секој според своите потреби и желби.
Св. Георгиј Победоносец бил висок, убав и храбар
Според едни извори свети Георгиј Победоносец е роден во Кападокија, во Мала Азија, според други во градот Бејрут, а според трети во Лида Палестинска, околу 270 година. Неговите родители биле богати, но чесни и побожни. Рано останал без татко, по што мајка му заедно со него се преселила во Палестина од каде што потекнувала и каде што поседувала голем имот.
Таму го минал детството посетувајќи ги местата каде што Исус го проповедал своето учење, исе стекнал и со образование. Уште на 20 годишна возраст добил висок чин – воен трибун, а подоцна императорот Диоклецијан го поставил за член на државниот совет, што, исто така, значело големо признание.
Кога Диоклецијан започнал жесток прогон на христијаните, Георгиј му се спротивставил, ги зел во заштита неправедно прогонетите и самиот признал дека верува во Господ Исус Христос. Тоа многу го изнедило и го разочарало императорот кој бесен на својот војник наредил веднаш да биде затворен и подложен на најсурови мачења, со единствена цел да се откаже од својата вера и да му се врати на идолопоклонството.
Гледајќи ги овие страдања на св. Георгиј особено брзото исцелување на раните и отпорноста на отровот, жената на Диоклецијан, Александра јавно изјавила дека го прифаќа христијанството, поради што била осудена на смрт. Одејќи кон губилиштето таа му се помолила на Господа и веднаш му ја предала својата душа.
Свети Георгиј е погубен на 6 мај (23 април, с.с.) според некои извори 303 година и секоја година на овој датум Светата црква го празнува споменот на својот Великомаченик. На иконите, св. Георгиј е претставен како војвода, како на коњ ја убива ламјата којашто се наоѓа под копитата на коњот.
И во легендите се раскажува, а и во песните се пее дека светецот навистина ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Преку убиството на ламјата симболично е прикажан придонесот на светецот во борбата и победата над негативните демони. На иконите во заднина се гледа женски лик што ја претставува царицата Александра, којашто, исто така, свесно се жртвувала, исповедувајќи ја истата вера како и светецот Георгиј Победоносец.