Во Женева завршија руско-американските преговори за стратешка стабилност, соопшти постојаната мисија на САД во Канцеларијата на ОН во Женева.
– Преговорите завршија нешто пред 17 часот – потврдил за агенцијата РИА Новости, прес-секретарот на мисијата, Џозеф Кружиќ за агенцијата RIА Новости
Руската агенција додава дека средбата траела околу 7,5 часа и била зад затворени врати, а била направена кратка пауза само за ручек.
Спутник наведува дека, според видеото објавено пред почетокот на средбата, се гледа како претставниците на Москва и Вашингтон влегуваат во салата и седат еден спроти друг.
Потоа, шефовите на делегациите се приближуваат до знамињата за протоколарно фотографирање.
За време на фотографирањето, дипломатите држеле социјална дистанца и не се ни ракувале, додава Спутник.
Претходно светските агенции пренесоа дека руската делегација ја предводеле заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков и заменик министерот за одбрана Александар Фомин, а американската делегација првиот заменик државен секретар Венди Шерман.
Во неделата навечер се одржаа прелиминарни разговори во форма на работна вечера.
Една од главните теми, додаваат медиумите, бил нацрт-договорот што Русија го достави до САД и нивните сојузници во средината на декември, а во кој е вклучено и непроширувањето на НАТО понатаму на исток.
Разговорите за безбедносните гаранции ќе се одвиваат во три фази – два дена по состанокот во Женева, на 12 јануари во Брисел ќе се одржи состанок на Советот Русија-НАТО и консултации за виенската платформа на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на 13 јануари.