Почна откупот на тутунот од годинашната реколта – Компаниите брзаат да го почнат откупот уште во предвремениот рок зашто помалку е род и сакаат да го преземат. Четири откупни компании од 10-те регистрирани во земјава ги отворија пунктовите.
Годинашната реколта е договорена на над 25 000 тони, но се очекува да биде помала, иако е поголема од ланската и е поквалитетна.
Тутунарите се на вагите и велат дека проценката е реална, но цените не ги покриваат трошоците и покрај тоа што се за 20 отсто зголемени.
По класи, зголемувањето е: за прва од 280 на 300 денари за килограм, за втора од 200 на 240, за трета од 150 на 180 денари и за четврта од 85 на 100 денари за килограм тутун.
Сојузот очекува до петок да се отворат сите 223 ваги, а повереници има на сите ваги. Инспекторатот, пак, смета дека ќе помине повеќе време.
Според директорот на Државниот земјоделски инспекторат Јане Станкоски, од 10-те регистрирани откупувачи, осум ги исполниле критериумите за почеток на откупот.
– Во земјава регистрирани се 10 откупувачи. Динамиката на откупот до инспекторатот ја доставија осум од десетте регистрирани откупувачи. Направени се инспекциските надзори, за исполнување на условите. Со откуп почнаа четири компании, вчера „Сокотаб“, денеска уште три компании. Не очекуваме проблеми во текот на откупната кампања и се надеваме на добар откуп. Постојано сме на терен во сите региони и секаде е истакнат бројот на инспекторатот и за секој случај сме подготвени да реагираме, изјави Јане Станкоски.
Крајниот рок да почне откупот на тутунот е 15 декември.