Приврзаниците на крајната левица на жена затворена за учество во напади врз неонацисти и други екстремисти се судрија со полицијата во источниот германски град Лајпциг за време на викендот, при што беа повредени 50 полицајци и голем број демонстранти, изјави денеска началникот на полицијата во Лајпциг, Рене Демлер.

Демлер рече дека околу 30 лица се уапсени, а уште околу 50 се приведени и ослободени од попладнево, пренесе АП.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер ги осуди насилните акции на некои демонстранти и им посака брзо закрепнување на повредените полицајци.

Во меѓувреме, некои политичари го критикуваа пристапот на полицијата кон демонстрантите, велејќи дека тој е непотребно агресивен.

Социјалдемократскиот политичар во регионалниот парламент во Саксонија, Албрехт Палас, го осуди полицискиот пристап, велејќи дека силното полициско присуство и полицискиот одговор на помалите тепачки „имале ефект на ескалација, при што најмногу биле погодени случајните минувачи кои не биле вклучени во конфликтот“. .

Протестите уследија по одлуката од средата на државниот суд во Дрезден да ја осуди Лина Е. на пет години и три месеци затвор за членство во криминална организација и нанесување тешки телесни повреди.

Неколку часа подоцна, судот соопшти дека Лина Е. била ослободена под неутврдени услови откако поминала околу две и пол години во притвор пред пресудата.

Демонстрациите на приврзаниците на 28-годишната Лина Е, кои беа планирани за сабота, беа забранети од градот Лајпциг, а полицијата соопшти дека и покрај забраната се појавиле околу 1.500 демонстранти. објави АП.

Собирот започна мирно, но на крајот дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата, во кои дел од демонстрантите фрлаа камења, шишиња и огномет.

Протести претходно се одржаа и во други градови низ Германија, вклучувајќи ги Берлин, Бремен и Хамбург.

Уште еден протест е планиран за вечерва во Лајпциг, кој градот исто така го забрани.

By Author