Речиси седум милиони луѓе веќе се внатрешно раселени од почетокот на граѓанската војна
Повеќе од пет милиони луѓе во Сирија можеби останале без покрив над главата по земјотресот што во понеделникот ја погоди земјата и соседна Турција, соопшти Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци.
„УНХЦР е фокусиран на обезбедување засолништа и средства за помош, така што колективните центри за раселените имаат соодветна опрема, шатори, столици, топли ќебиња, душеци за спиење, зимска облека и друго“, рече Сиванка Данапала, претставник на УНХЦР во Сирија.
„За Сирија ова е криза во криза“, додаде Данапала.
„Имавме економски шокови, Ковид, а сега сме среде зима, со снежни виулици кои беснеат во погодените области“, истакна таа.
Агенцијата за бегалци на Обединетите нации соопшти дека 6,8 милиони луѓе веќе се внатрешно раселени во земјата од почетокот на граѓанската војна што ја зафати Сирија во 2011 година.
„Сето ова, се разбира, влијае на пристапот до помош“, рече Данапала. „Патиштата се оштетени и нè попречува во обидот да дојдеме до луѓето. Беше многу, многу тешко“, додаде таа. Врз основа на прелиминарната проценка, организацијата за бегалци соопшти дека 5,37 милиони луѓе погодени од земјотресот ќе бараат помош во засолништа низ Сирија.
„Тоа е огромен број, особено за населението веќе погодено од масовно раселување“, истакна Данапала.
Повеќе од 3.000 луѓе загинаа во земјотресот во Сирија, а околу 20.000 луѓе во Турција.