Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека погрешната најава на агенцијата Блумберг за почетокот на руската „инвазија“ на Украина зборува за опасноста од агресивни изјави на САД и западните престолнини и како таквите пораки можат да имаат непоправливи последици.
Руските агенции претходно објавија дека американската агенција Блумберг на својата веб-страница објавила вест под наслов „Русија ја нападна Украина“, а подоцна признала дека е грешка и ја повлекла веста.
Песков за РИА Новости изјави дека ова е одличен пример колку е опасна ситуацијата предизвикана од бескрајните агресивни изјави кои доаѓаат од Вашингтон, Лондон и другите европски метрополи, пренесува Танјуг.
„Тоа е илустрација за последиците од атмосферата на екстремна тензија создадена од овие агресивни акции на нашите колеги во Европа“, рече Песков.
Според Песков, по тие неточни информации, како што наведе, „дури може да се каже дека не е „лажна вест“, туку „Блумберг вест“.
Руската агенција ТАС С објави дека Блумберг во соопштение објаснил дека подготвува наслови за различни сценарија и дека еден од тие наслови ненамерно бил објавен околу 16.00 часот по локално време (околу 22.00 часот по средноевропско време) на страницата.
„Длабоко жалиме за грешката“, соопшти Блумберг, додавајќи дека се истражува причината за грешката, пренесе ТАС С.