На жителите им беше препорачано да се држат настрана од вулканот и да ги држат затворени вратите и прозорците
Перуанските власти ќе прогласат вонредна состојба во областа околу вулканот Убинас во јужната област Мокегуа, соопштија денеска локалните власти.
Националниот институт за цивилна одбрана (INDECI) во своето соопштение наведува дека тревогата во оваа област е зголемена од „жолта“ на „портокалова“ откако излеаната пепел достигна висина од 1.700 метри, пренесува Ројтерс.
Јужен Перу, област каде што се наоѓаат важни рударски наоѓалишта, е дом на десетина активни вулкани, а целата земја се наоѓа во таканаречениот пацифички „Огнен прстен“, област со висока фреквенција на земјотреси и вулканска активност.
Премиерот на Перу Алберто Отарола рече дека најверојатно ќе биде прогласена вонредна состојба во следните неколку дена за да се обезбедат „неопходните превентивни мерки“ за регионот.
INDECI ги советуваше 2.000 жители во регионот да се држат настрана од вулканот и да ги држат вратите и прозорците затворени, додека властите им обезбедија на жителите маски и очила. Во 2019 година, перуанските власти евакуираа стотици луѓе кои живеат во близина на вулканот Убинас по експлозии и емисии на пепел.