Кинеската Народноослободителна армија (НОА) спроведува маневри во близина на Тајван за да го заштити националниот суверенитет и територијалниот интегритет и како одговор на „тајванско-американскиот дослух“, рече портпаролот на кинеското Министерство за одбрана Тан Кефеи.
Тој прецизираше дека командата на источното крило на кинеската армија организирала вежби за проверка на борбената готовност во воздушниот простор и во водите во близина на Тајван, со учество на неколку гранки на армијата и оружје, пренесува ТАСС.
„Ова се неопходни активности преземени како одговор на договорот Тајван-САД и во согласност со потребата да се заштити националниот суверенитет и територијалниот интегритет“, рече Тан, истакнувајќи дека кинеската армија е во состојба на готовност и подготвена да ги преземе сите неопходни мерки за да се спречи мешање на која било надворешна сила и сецесионистички обиди да се прогласи независноста на Тајван.
Тан исто така рече дека обидот да се прогласи независност на Тајван е „пат што не води никаде“.