Германија почна да работи на зајакнување на своите јавни засолништа, како и на подобрување на кризните резерви во случај на војна, изјави сојузната министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на извештајот на весникот „Велт ам Зонтаг“.

Владата размислува за подобрување на системот на јавни засолништа и ќе ги зголеми трошоците за цивилна заштита, изјави министерката Фезер за германскиот весник.

„Во Германија моментално има 599 јавни засолништа. Ќе провериме дали би можеле да подобриме уште такви системи. Во секој случај, нивното демонтирање е запрено“, рече Фезер.

Таа објасни дека владата работи на нови концепти, подобрување на подземните паркинзи, станиците на подземната железница и подрумите, со цел да станат потенцијални засолништа, а на сојузните држави им дала 88 милиони евра за поставување сирени.

Министерот најави и дека земјата ќе работи и на изградба на кризни резерви кои вклучуваат медицинска опрема, заштитна облека, маски или лекови.

Германскиот канцелар Олаф Шолц претходно вети дека ќе ги зголеми средствата за одбрана и ќе одвои 100 милијарди евра за армијата, јавува Ројтерс.

By Author