Русија утрово и нанесе нов силен удар на енергетската инфраструктура на Украина, таргетирајќи ги енергетските капацитети во седум региони – Киев, Миколаев, Харков, Запорожје, Одеса, Днепропетровск и Житомир, изјави украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.
Во објава на Телеграм каналот на министерството, тој изјави дека Русите го ставаат светот на работ на нуклеарна катастрофа, со оглед на тоа што поради гранатирање е оштетена последната линија за снабдување со електрична енергија на нуклеарната централа во Запорожје, а нуклеарката моментално работи на дизел генератори, пренесува Интерфакс Украина.
Нуклеарната централа во Запорожје повторно е „целосно исклучена“ од украинската електрична мрежа поради руско гранатирање, објави во четвртокот на Телеграм државната енергетска компанија „Енергоатом“.
„Моментално централата е исклучена и по шести пат за време на окупацијата е во режим на затемнување, блоковите 5 и 6 се исклучени на ладно, а вклучени се 18 дизел генератори за снабдување на сопствените потреби на електраната“, се вели во соопштението.
Нуклеарната централа има доволно гориво за да работи непрекинато десет дена.
Електраната се наоѓа во делот на регионот Запорожје кој е под контрола на Русија и е најголемата нуклеарна централа во Европа, пишува CNN.
Руските сили ја држат под контрола околу една година, но со неа управува украински персонал.
Последното исклучување на објектот дојде откако официјални лица ширум Украина пријавија руски ракетни напади насочени кон енергетската инфраструктура.
„Сите домашни нуклеарни централи лоцирани на територијата контролирана од Украина се испразнети поради заканата од ракетни напади“, се вели во соопштението на Енергоатом.