Унгарскиот премиер Виктор Орбан во Тихани изјави дека во војната во Украина досега животите ги загубиле стотици илјади луѓе и дека најважно е да се запре крвопролевањето.
Според него, ова не може да започне со креирање мировен план, како што предлага либералната заедница, туку со прекин на огнот, по што треба да се премине на мировни преговори, јавува МТИ.
Во своето обраќање на годишниот политички фестивал „Транзит“ во Тихани на брегот на езерото Балатон, Орбан рече дека војната требало да се локализира, наместо да се „глобализира“, но таа позиција ја застапувала само Унгарија.
Стратегијата на западот Украинците да се борат и ги даваат своите животи „додека ние снабдуваме пари, информации и оружје“ не функционира, рече Орбан.
Тој додаде дека оваа стратегија не е доволна за да се победи Русија, но и дека нема нова стратегија.
Унгарија плати огромна цена за „недостатоците во планирањето и стратегијата“, рече Орбан.
И покрај се, унгарската влада не го менува ставот за Украина и се залага за итен прекин на огнот и започнување мировни преговори.
Според Орбан, Унгарија смета дека е неопходно да се прекинат воените операции што е можно поскоро, а потоа да се пристапи кон изработка на мировен план за решавање на украинскиот конфликт.