Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера изјави дека ќе вложи максимални напори на Украина и на Молдавија да им даде кандидатски статус, дека ЕУ треба да биде отворена за други земји, но и да се залага за реформи во Унијата кога станува збор за правилата за гласање.

Шолц побарал ЕУ да се придвижи кон надворешнополитичките одлуки со квалификувано мнозинство (што значи укинување на правото на вето на одделни земји), но тешко дека ќе добие поддршка од Франција и некои други земји, пренесува порталот Политико.

Говорејќи пред пратениците во Бундестагот пред самитот на Европскиот совет закажан за четврток и петок во Брисел, Шолц рече дека решително ќе се залага Украина и Молдавија да добијат статус на кандидати за членство во ЕУ и посочи дека таквата заложба носи одредени обврските.

„Ќе вложам максимални напори во Европскиот совет за да се осигурам дека целата ЕУ едногласно ги прифати кандидатурите на Украина и Молдавија за членство“, рече германскиот канцелар, додавајќи дека „ЕУ исто така мора да може да прифати нови членки“.

Шолц ја повтори својата заложба за реформите во ЕУ, пред се за промена на правилата за гласање со цел да се спречи поединечни земји да ги блокираат одлуките на мнозинството, особено нагласувајќи ја надворешната политика како област во која е неопходна таква промена.

Неколку земји од ЕУ, вклучително и Франција, веќе се спротивставија на укинувањето на правото на вето во клучните области како што е надворешната политика.

Шолц повика на усвојување на Маршаловиот план за обнова на Украина по војната и најави дека Германија ќе инсистира на создавање „меѓународна експертска конференција на високо ниво“ за координирање на напорите за обнова на Украина.



By Author