Кина денеска, по повод соборувањето на кинескиот, наводно, шпионски балон кој беше соборен од американски воени авиони над Атлантикот, објави дека „одлучно ќе ги заштити своите легитимни права и интереси“.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, повтори дека „беспилотното летало“ не претставува закана и дека случајно навлегло во воздушниот простор на САД.
Тој ја повтори критиката на Пекинг за она што Кина го смета за прекумерна, несоодветна реакција на САД и соборувањето на балонот минатата сабота, недалеку од брегот на Каролина.
– Балонот не е на САД. Кинеската влада ќе продолжи одлучно да ги штити своите легитимни права и интереси, рече Мао на дневниот брифинг, без да даде други детали.
По изненадувачки благата првична реакција на Пекинг по соборувањето на балонот, реториката на кинеските власти во меѓувреме стана многу поостра, оценува АП и додава дека односите меѓу двете земји продолжуваат да се влошуваат.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен поради случајот со кинескиот балон ја откажа долгоочекуваната посета на Пекинг што беше планирана за оваа недела. Кина тврди дека се работи за цивилен балон кој се користи за метеоролошки истражувања.