Најмалку 21 Палестинец, меѓу кои седум деца, загинаа во пожар што избувна во куќа во бегалскиот камп Џабалија во Појасот Газа.
Директорот на болницата на северот на палестинската територија Салах Абу Лејла изјави за Франс прес дека 20 тела на загинатите се префрлени во таа институција. Засега не е познат бројот на повредени во пожарот.
Според друг здравствен извор, меѓу жртвите има најмалку седум деца.
Причината за пожарот не е веднаш позната.
Израелските медиуми јавуваат дека првичната истрага покажала дека во куќата имало складирано големо количество бензин и дека тоа предизвикало голем пожар и голем број жртви. Сепак, не е познато како се запалил бензинот. Истрагата е во тек.
Исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со Појасот Газа, објави дека пожарот во трикатната куќа е ставен под контрола.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас прогласи ден на жалост за жртвите, објави на Твитер палестинскиот функционер Хусеин ал Шеик.
Палестинските власти побараа од Израел да го отвори граничниот премин Ерез за да може повредените да бидат изнесени надвор од Појасот Газа, кој е под израелска блокада повеќе од 15 години.
Израел најави дека ќе понуди помош за минување преку овој граничен премин.
Според АП, овој пожар е еден од најсмртоносните инциденти во Појасот Газа во последните години, не сметајќи ги насилствата во израелско-палестинскиот конфликт.
Пламените јазици дивеа низ прозорците на третиот кат, а стотици луѓе се собраа на улицата чекајќи противпожарни возила и амбулантни возила.