Се очекува парламентот на Индонезија овој месец да донесе нов кривичен закон со кој ќе се криминализира сексот надвор од бракот и ќе се забранaт навреди на претседателот или државните институции, што предизвика тревога кај активистите за човекови права.

Заменик министерот за правда Едвард Омар Шариф Хиариеи во интервју за Ројтерс изјави дека новиот кривичен закон се очекува да биде усвоен на 15 декември.

„Горди сме што имаме кривичен законик кој е во согласност со индонезиските вредности“, рече тој.

Доколку биде усвоен, новиот закон ќе важи за граѓаните на Индонезија, како и за туристите, и ќе воведе големи промени кои ќе влијаат на широк опсег на граѓански слободи.

Сексот надвор од бракот би можел да ги доведе оние кои ќе го прекршат новиот закон на една година затвор, додека на невенчаните парови ќе им биде забрането да живеат заедно.

Активистите на граѓанското општество велат дека ова ќе ги остави истополовите парови, кои немаат право да стапат во брак, на дополнителен ризик од кривично гонење.

„Ова е опасно не само поради заканата од казна, туку може да и даде легитимитет на заедницата на осветници“, рече Мухамад Иснур, претседател на индонезиската фондација за правна помош.

Навредата на претседателот, која според законот можеше да ја пријави само претседателот, може да ги осуди оние што го прекршуваат законот на три години затвор. Овој закон, исто така, ќе забрани навреда на државните институции и искажување ставови што се спротивни на државната идеологија на Индонезија.

Абортусот би останал нелегален, освен во случаи на силување.

И додека нацрт-законот има поддршка од некои исламски групи, други стравуваат дека ќе биде катастрофален за демократијата и граѓанските слободи.

Инаку, претходниот предлог-закон требаше да биде усвоен во 2019 година, но процесот беше одложен откако десетици илјади луѓе излегоа на улиците низ земјата.

By Author