Мексикански фоторепортер почина откако беше застрелан во главата пред неговата куќа во северниот пограничен град Тихуана, соопштија официјални лица.

Маргарито Мартинез (49) работел повеќе од 10 години во Тихуана за неколку национални и меѓународни новинсќи агенции и известувал за криминалот и насилството од бандите во градот на границата меѓу САД и Мексико, пренесува Ројтерс.

Канцеларијата на главниот државен обвинител соопшти дека полицајците кои се јавиле на повикот на Брзата помош го пронашле телото на Мартинез пред неговата куќа со повреда на главата предизвикана од огнено оружје.

Еден од неговите колеги рече дека Мартинез бил вклучен во државна програма насочена кон заштита на животите на новинарите.

Неодамна влезе во програмата за заштита бидејќи добиваше закани“, изјави новинар кој сакаше да остане анонимен.

Тихуана стана еден од градовите во Мексико со најмногу насилство поради судирите меѓу нарко бандите кои се тепаат на патиштата за шверц.

Мартинез е вториот новинар убиен оваа година во Мексико, по смртта на Хозе Гамбоа минатата недела во југоисточната држава Веракруз.

Од 2000 до 2021 година, групата за човекови права „Член 19“ регистрирала 145 убиства на новинари во Мексико, а минатата година биле убиени седум новинари.

By Author