Белгиските цариници заплениле три чоколадни зајачиња на аеродромот Завентем во Брисел, откако анализата покажала дека се направени од чист метилендиоксиметамфетамин (MDMA), односно психоактивна дрога попозната како „екстази“.

Пратката била пријавена како сувенир со вкупна вредност од 145,2 евра, пишува Brussels Times.

„Она што на почетокот изгледаше како вкусно задоволство за децата, по анализата се покажа дека е чист МДМА, наменет за производство на таблети екстази“, изјави портпаролот на Федералната јавна служба за финансии, Френсис Адинс, за агенцијата Белга.

Тој изјави дека не може да се утврди пазарната вредност на производот, но дека во секој случај одземената стока ќе биде уништена.

Пакетот тежок 1,8 килограми бил пресретнат во поштата на аеродромот со помош на спектроскоп Раман, рачен скенер кој може да ги идентификува супстанциите со хемискиот отпечаток од прст.

Пакетот бил испратен од адреса во Белгија, за која се покажало дека не постои.

Главното белгиско пристаниште Антверпен се повеќе станува порта кон Европа за шверц на дрога од Латинска Америка поради нејзината географска локација, но самата земја стана центар за синтетички дроги кои се произведуваат во Европа, а потоа се испраќаат низ целиот свет, пишува Брисел тајмс.

By Author