Илјадници приврзаници на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро денеска упаднаа во зградата на Конгресот во главниот град Бразилија, повикувајќи на воена интервенција за соборување на претседателот Луис Инасио Лула да Силва, кој беше инаугуриран пред една недела.
Демонстрантите се обидоа да влезат во Врховниот суд и во Претседателската палата. Претседателот Луис Инасио Лула да Силва не бил во палатата, пишува Блумберг.
Полицијата употреби солзавец и бибер спреј во обид да ги спречи демонстрантите, јавуваат локалните медиуми.
Демонстрантите во жолти и зелени маици нападнаа неколку полициски возила кои ја обезбедуваа зградата, објави ЕФЕ.
Тие ја уништија и заштитната бариера што води до зградата на парламентот.
„Остро ги отфрлам овие антидемократски потези кои итно треба да бидат санкционирани“, напиша на Твитер претседателот на Сенатот Родриго Пачеко.